Четворица ученици – Орхан, Тео, Анамарија и Борис, од средното училиште „Јахја Кемал“, во Скопје, пред една година станале тим за да ја реализираат идејата Венус Арм – 3Д печатена бионичка рака, која што со помош на мускулните сензори прикачени на неа, може да прави најразлични движења кои ќе му помогнат на корисникот во секојдневниот живот. Со нивниот проект се глобални победници на Generation Unlimited младинскиот предизвик, организиран од УНИЦЕФ, а нивниот пронајдок кој е многу поевтин од бионичките раце моментално достапни на пазарот, ќе бидат на дофат на милиони луѓе низ целиот свет
Светлана БЛАЖЕВСКА
Четворица ученици од средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје пред една година станале тим за да ја реализираат идејата Венус Арм – 3Д печатена бионичка рака, која што со помош на мускулните сензори прикачени на неа, може да прави најразлични движења кои ќе му помогнат на корисникот во секојдневниот живот. Бионичките раце земаат сигнали од корисникот околу истите мускули (обично под лактот) што се користат за движење на биолошка рака. Специјално дизајнираните сензори земаат електрични сигнали и ги користат за да создадат движење на рацете во однос на електричниот сигнал.
Орхан, Тео, Анамарија и Борис се четворицата мускетари на eBionics, чиј проект Венус Арм беше прогласен за глобален победник на Generation Unlimited младинскиот предизвик организиран од УНИЦЕФ, а за освоеното прво место добиле 10 илјади долари. Победата им е уште повеќе мотивирачка, бидејќи нивниот проект е победничкиот во конкуренција на 180 тимови од 36 земји, во категоријата на натпреварувачи под 18 години.
Орхан Багашов го изработил хардверскиот дел од бионичката рака и вели дека секој од членовите во тимот има определено задолжение, што е доказ за нивниот успех. Борис Ночески е задолжен за односи со јавност, Анамарија Илиева за маркетинг, Тео Китановски го изработи софтверскиот дел од раката.
– Идејата за овој проект ја предложи Орхан, кој е дизајнерот и основачот на тимот. Работејќи на еден негов претходен проект, тој ги забележа недостатоците на бионичките раце моментално достапни на пазарот, па затоа направивме истражување пред да почнеме со работа. Имено, моментално достапните бионички раце чинат илјадници долари. Имајќи во предвид дека телото на една личност постојано расте, ќе биде неизбежно да се купи нова бионичка рака на секои 6 или 7 месеци. Покрај тоа, едно лице може да добие бионичка рака само во неколку земји и тоа ги прави многу недостапни. Ние веруваме дека овие проблеми можат да се решат ако поинаку пристапиме кон технологијата – вели Тео.
Тие што имаат недостиг на горен екстремитет, поточно недостиг на подлактница, ќе можат да ја посетат веб-страница www.ebionics.org, каде што има листа на делови со линкови од онлајн-продавници од каде што може да се купат, и потоа да се состави целата бионичка рака за само еден час со помош на дадените инструкции на веб-страницата, без никакво претходно искуство.
– Најважно од се’ е тоа дека ние креиравме еден иновативен концепт што ќе му помогне на корисникот да ја направи својата бионичка рака сам, без никакво претходно искуство, за само еден час, користејќи ги инструкциите прикачени на нашата веб-страница (www.ebionics.org). Исто така, покрај инструкциите, имаме прикачено и линкови од сите делови потребни за составување на Венус Арм, како и опции за купување на 3Д печатени делови доколку корисникот нема 3Д печатач. Ова значи дека не наплаќаме за изработка, транспорт, профит за производител и набавувач, што ја прави бионичката рака 30 пати поевтина од останатите – вели Орхан.
На глобално ниво, милиони луѓе страдаат од недостаток на горните екстремитети, што може да влијае на физичкото и менталното здравје и да ги инхибира луѓето да водат продуктивен живот. Протетичните раце и вештачки екстремитети можат значително да ја подобрат способноста на луѓето кои живеат со попреченост во горните екстремитети да бидат независни и да се занимаваат со секојдневни активности.
Но, протетичките екстремитети се скапи, треба рутински да се заменат поради истрошеност и затоа не се на дофат на милиони луѓе низ целиот свет. Верзијата на Орхан чини 250 долари, наместо за ваква протеза некој да плати до 7.000 евра, колку што е цената во продавниците за ортопедски помагала.
Борис вели дека сосема случајно дознале за натпреварот, разговарајќи со еден пријател кој бил дел од предизвикот претходната година.
– Сметавме дека би било добро да учествуваме, мислејќи дека тоа ќе биде одлично искуство, а темата на предизвикот не мотивираше. Тридневната работилница беше дефинитивно најдобриот дел од ова искуство. Научивме како ефикасно да работиме во тим и како да се фокусираме на нашата цел, но и како да научиме и да се мотивираме од критики – додава Борис.
Анамарија вели дека она што го прави тимот eBionics посебен е тоа што имаат знаење и успех во различни области кои се тесно поврзани со создавањето на Венус Арм.
– Во нашиот тим, Орхан е 3Д-дизајнер, Тео е програмер, Борис е ПР-менаџер, а јас сум уредник на социјалните мрежи. Досега имаме освоено многу награди од различни теми, како што се роботика, програмирање, биологија, и иновации. Потенцијалните корисници на нашиот производ се лица со недостаток на горен екстремитет. Нашето истражување ни покажа дека овие луѓе имаат многу пречки во нивното секојдневие. Во моментов, има повеќе од 4 милиони луѓе во светот како ова и до 80 проценти од нив не можат да купат бионичка рака за себе – посочи Анамарија.
Најголемата пречка со која младите се соочуваат, според овие млади луѓе, е стравот од остварување на своите идеи.
– Младите често ги „закопуваат“ своите идеи длабоко во себе мислејќи дека немаат шанса да направат нешто, но ако го променат овој начин на размислување и останат упорни, ништо не би било неостварливо! Секако, и државата игра голема улога во мотивирање и поддршка на младите и нивните идеи, но за жал моментално поддршката која ја нуди Македонија кон младите е сè уште минимална – оценуваат овие четворица средношколци.
Десетте илјади долари што ги освоиле на натпреварот ќе ги искористат за понатамошно усовршување на нивниот производ и тоа во период од една година, зашто такви биле пропозициите на натпреварот.
– Среќни сме што ќе продолжиме да работиме на нашиот производ. Чекор по чекор, мислиме дека сме сè поблиску до нашата првична цел – да направиме нешто корисно за сите луѓе низ светот! Секако, остварувањето на овој голем чекор не е едноставно, па затоа ќе ни треба поддршка и помош, пред се финансиска, од секој кој е заинтересиран за идејата и сака да помогне – велат овие млади луѓе кои сакаат да го прикажат најкреативното и иновативното од себе.
https://www.vecer.press/македонски-тинејџери-развија-3д-отпеч