Менаџментот на училиштето „Јахја Кемал“ во соработка со Општина Карпош планира да изгради игралиште за кошарка и ќе постави нови реквизити за рекреација кои во попладневните часови ќе им бидат на располагање на жителите од населбата Тафталиџе 1.
На денешната средба на менаџментот на училиштето со градоначалникот Стефан Богоев бил покажан и интерес за зголемена соработка и размена на искуства со управите на основните училишта во општината.
Градоначалникот Богоев, како што соопштија од општината, посочил дека неодамна се направени нови терени за спорт во склоп на ООУ „Јан Амос Коменски“, но оти новите рекреативни зони се добредојдени за сите.
Богоев направил обиколка на целиот кампус кој опфаќа градинка, основно училиште и гимназија. Во основното училиште учат 503 деца, во средното 340, а во градинката се згрижени 42 дечиња. Установата е опремена со лаборатории, компјутерски центар, менза, кино сала и простор за спортски содржини. Сите училници имаат смарт табли. Ова приватно училиште е основано во 1996 година со одлука на Владата.